Ѕанакопулос: Во следните денови ратификација на Протоколот за прием на Северна Македонија Во НАТО

Во текот на следните денови Протоколот за членство во НАТО ќе биде ратификуван од грчкиот Парламент, рече портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос на денешниот редовен брифинг со новинарите и ги објасни обврските и следните чекори за  Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

-Во текот на следните денови Парламентот ќе го ратификува Протоколот за прием на Северна Македонија во НАТО, а во продолжение ќе се испрати Вербална нота од Министерството за надворешни работи на Грција до Министерството за надворешни работи на Северна Македонија и со тоа, автоматски стапуваат во сила уставните измени и секако промената на името, објасни Ѕанакопулос, додека, пак, на прашањето на дописничата на МИА од Атина дали за ратификацијата на Протоколот постои конкретен датум, одговори негативно.

Во новинарските кругови во Грција се споменува дека веќе следната седмица, Протоколот ќе биде доставен во грчкиот Парламент, прво пред надлежната комисија, а потоа и на пленарна седница, по што ќе следи и глсање.

Портпаролот на грчката Влада, на денешниот брифинг, говорејќи за Договорот од Преспа, рече дека 25 јануари 2019, денот кога беше ратификуван во Грција ќе биде историски настан за мир, соработка и стабилност на Балканот.

-Ратификацијата на Договорот од Преспа што ја враќа водечката улога на земјата на Балканот, на заеднички развој, пријателство меѓу народите, но и соработка, е од историско значење, истакна Ѕанакопулос додавајќи дека тоа е победа на политичката храброст над национализмот, квази-патриотизмот и омразата.

Треба да знаете
Последни објави