Да се апси пратеник од опозицијата и да се бара одземање на неговиот имунитет за да биде испратен во притвор е пракса која не е позната во демократска Европа, туку во земји окупирани од криминалните картели, порача пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска.
„Денешниот упад во домот на пратеникот Љупчо Димовски не е ништо друго освен обид за политички притисок и злоупотреба на институциите за пресметка со сите оние кои не се согласуваат и се спротиставуваат на антидржавните политики на Зоран заев.
Нашиот колега Љупчо Димовски веќе еднаш беше жртва на политички прогон од страна на власта. Без никаква основа го гонеа за измислено кривично дело тероризам, само и само за да го скршат и да го натераат да ја поддржи промената на името и бришењето на македонскиот идентитет, култура, историја и традиција. Зоран Заев и криминалниот картел околу него не успеаја во намерата. Љупчо Димовски продолжи да ги брани државните и национални интереси и не го поддржа штетниот преспански договор, ниту измените во уставот со кои што Заев ја брише Република Македонија.
Неговото повикување денеска е класична одмазда и чин со кој што треба да се заплашат сите неистомисленици на Зоран Заев. Кога вакво нешто може да му се прави на опозициски пратеник избран од граѓаните, тогаш што може криминалниот картел да му спакува на обичен граѓанин ? Ова е пораката која што Зоран Заев сака да ја испрати во јавноста, но залудно.
Денеска видовме дека целиот систем се злоупотребува од Зоран Заев. Зоран Заев е нарачателот , а извршители се Оливер Спасовски, Русковска обвинителството и Кацарска судството. Денеска видовме дека и полицијата и обвинителството и судот се целосно седнати во скутот на Зоран Заев и дека нивна единствена цел е да дискредитираат, заплашуваат и прогонуваат неистомисленици.
ВМРО ДПМНЕ и пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“ најостро го осудува денешниот упад во домот на нашиот колега Љупчо Димовски и бара власта да престане со политичкиот прогон. Пратениците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ бараат власта да се откаже од намерата за одземање на имунитетот на нашиот колега Љупчо Димовски.
Политичкиот прогон врз поранешните министри за земјоделие покажува дека Зоран Заев и криминалниот картел се во паника. Гледаат дека веќе немаат поддршка од граѓаните и во пресрет на изборниот пораз посегнуваат по најбрутална злоупотреба на институциите.
Ова лудило на власта мора да запре. Наместо да се изживува врз неистомисленици, Заев нека распише предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Нека го прифати нашето барање за распуштање на собранието и нека провери што мисли народот за неговата срамна политика. Тоа е најдобро и за државата и за граѓаните“ нагласи Стаменковска.