Сопственици на текстилни фабрики во Бангладеш отпуштија повеќе од 5.000 работници кои барале поголема плата, а стотици се соочени со полициски обвиненија, соопштија активистите за заштита на работниците.
Бангладеш има најголема извозна индустрија на текстил по Кина.
– Отпуштањата следеа по протестите на илјадници работници во главниот град Дака, изјави Калпона Актер од Центарот за работничка солидарност на Бангладеш.
Владата во ноември ја зголеми минималната плата за работниците во текстилната индустрија на 8.000 таки (96 долари) од 5.300 таки (63 долари). Работниците не се задоволни со тоа и бараат повеќе, како и други поволности што властите им ги ветија.
Синдикатите и групите активисти бараат минималната месечна плата да биде 193 долари, но сопствениците на фабриките велат дека се под огромен притисок да ги обезбедат цените што ги бараат глобалните брендови.
Текстилната индустрија во Бангладеш извезува облека во вредност од околу 30 милијарди долари годишно, претежно во Европа и во Северна Америка.
Актер посочи дека стотици работници се соочени со обвиненија за кражби и вандализам, а некои се обвинети дури и за обид за убиство.
– Повеќе од 50 работници се уапсени, а многу други избегаа од своите изнајмени домови во индустриските зони. Дознавме дека најмалку 5.000 работници се отпуштени, а вистинската бројка можеби е околу 7.000, рече Актер и додаде дека многу работници се малтретирани.
Претседателот на Здружението на производители и извозници на облека од Бангладеш, Сидикур Рахман истакна дека не знае колку точно работници изгубиле работа, но и дека ниту една невина личност не е соочена со правни проблеми.
Тој потенцира дека во индустријата имаат недостиг од работници, но дека ниту еден сопственик нема зошто да отпушти некого без валидна причина. Додаде дека состојбата сега е под контрола.