„Гугл хром“ ќе ги предупредува корисниците за сомнителни линкови

Ако досега ви се случувало погрешно да внесете URL и да завршите на којзнае кое место на интернет, „гугл хром“ наскоро ќе ви испраќа предупредувања во таква ситуација и ќе ве пренасочува кон локацијата која сте имале намера да ја посетите.

Функцијата е во фаза на тестирање од објавувањето на „хром канари 70“ минатата есен и во моментов може да се активира како експериментална опција во стабилна верзија на „хром“.

Прилично е вообичаено злонамерници да ги користат грешките при внесување на популарни веб локации во обид да ги наседнат луѓето кои ненамерно ќе згрешат при пишувањето на URL и така да ги пренасочат кон своите веб-страници.

Ваквите страници често изгледаат како оригиналните, а се користат за кражба на лични податоци и други доверливи информации.

„Гугл хром“ во ваков случај ќе прикаже паѓачко мени под лентата за интернет адреси. Ова известување ќе посочува дека корисникот е на пат да посети страница што веројатно нема намера да ја посети и ќе нуди опција за пренасочување до соодветниот домејн.

Во комбинација со постоечките предупредувања на „хром“ за небезбедни сајтови, ова подобрување треба да биде доволно, барем некое време, за корисниците да не паѓаат на измами.

Треба да знаете
Последни објави