На трибината посветена на економските политики и перспективи „Силна економија – шанса за сите“, којашто се одржува во Охрид, премиерот Заев зборуваше за плановите и проектите од интерес на граѓаните на Охрид на кои засилено се работи и се во фокусот за следниот период, во соработка со локалната самоуправа.
„Основавме државно претпријатие „Колекторски системи“. Овие денови се конституираат управните и надзорните одбори за да може да го преземеме „Проаква“ директно кое должи 900 милиони денари. Комплименти за сегашното раководство кое врати 120 милиони денари од обврските, но тоа не е доволно, блокирани се општините Охрид и Струга и тоа е проблем кој го решаваме. 400 милиони денари должат само за струја на ЕВН, на пример. Со ваквото преземање, државата ја презема обврската за колекторскиот систем во Охрид. Што значи тоа? Не може само Охрид и охриѓани да водат грижа за Охридското езеро и Охрид туку сите ние, државата. Дел од парите се предвидени во буџетот, дел со основање на овие институции ќе бидат дополнително предвидени за да можеме комплетно да го зајакнеме колекторскиот систем“, рече премиерот Заев.
Премиерот додаде дека веќе се испланирани пари за комплетна санација, со внатрешни цевки, во самиот колектор, кои се нотирани како две слаби точки на колекторскиот систем.
„Ги знам деталите, само 3 пумпни станици работат, 18 не функционираат. Делот од Канео до Струга е главен за санирање, а делот што е кон премиерската и претседателската вила мора да ги санираме заедно со филтер станиците. Проекцијата е 4 милиони евра. Имаме можност и за грант, или ќе платиме од буџетот за целиот колектор да го ставиме во функција. Се создава можност да се формираат нови водостопански претпријатија, Водовод Охрид и Водовод Струга, да се разграничат и да имаат иднина. Секако, обезбедувањето на чиста вода и заштитата на езерото е од интерес на сите граѓани“, рече премиерот Зоран Заев.