Четворица поранешни министри и заменици за земјоделие утрово биле приведени во истрага поврзана со злоупотреби на земјоделска помош и издавање на државно земјоделско земјиште.
Како што дознаваме, во акцијата на одделоот за организиран криминал на МВР се приведени поранешните министри Ацо Спасеновски и Михаил Цветков, како и поранешниот заменик министер Кристијан Делев. Тројцата се однесени на распит. Четвриот осомничен кој се уште е недостапен е актуелниот пратеник Љупчо Димовски..
Аце Спасеновски и Михаил Цветков се поранешни министри за земјоделие кои доаѓаат од редовите на Социјалистичката партија како коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, додека Христијан Делев е поранешен заменик министер за економија.
Спасеновски на функција беше од 2005 до 2009 година, Делев беше назначен во 2013 година, а Цветков од 2014 година.
Како што информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција била донесена наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Лицата се осомничени дека во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп. Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра). Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за четворицата осомничени“, информираат од ОЈО Скопје.