Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е предмет на истрага на специјалниот обвинител Роберт Малер за Русија.
Тој појасни дека неговите адвокати добиле уверување за тоа од заменик јавниот обвинител Род Розенштајн.
– Тој им рекол на адвокатите дека јас не сум предмет, не сум мета, рече Трамп во интервју за „Њујорк тајмс”, зборувајќи за коментарот на Розенштајн во врска со истрагата на Малер за мешање на Русија во американските избори во 2016 година и можна соработка на предизборниот тим на Трамп со Русија.
Трамп истакна дека никогаш не разговарал со својот долгогодишен политички соработник Роџер Стоун за Викиликс и за украдените мејлови на Демократската партија што беа објавени во текот на предизборната кампања во САД во 2016 година, ниту, пак, некому наложил да го стори тоа.
Во интервјуто за американскиот весник, претседателот на САД се осврна и на тековните преговори за спорната изградба на ѕидот на границата со Мексико, што тој ја предложи, истакнувајќи дека тие преговори се „губење време”.
– Ќе продолжам да го градам ѕидот и тој ѕид ќе биде завршен, рече Трамп, отфрлајќи ги преговорите, чија цел е излез од „ќорсокакот” во Конгресот. Тој најави дека може да прогласи вонредна состојба за да ја обезбеди изградбата на ѕидот.
Во врска со тоа упати критики до претседавачот со Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси.
– Всушност, секогаш сум се согласувал со неа, но сега мислам дека не можам да се согласам. Таа и прави многу лоша услуга на земјата, истакна Трамп.
Во интервјуто, тој ги отфрли наводите дека можеби нема да се кандидира за реизбор во 2020 година.
– Ја сакам оваа работа, рече Трамп и додаде дека работејќи како претседател „изгубил голема сума пари”.