Тунтев: Создаваме услови за развој на ефикасен и безбеден воздухопловен систем

На македонското небо просечно се реализираат по 15 илјади летови месечно, а во врвните периоди на сообраќајно оптоварување дневниот број понекогаш достигнува и до 1.000 операции. Минатата година на двете македонски воздухопловни пристаништа беа прифатени и испратени повеќе од два милиона патника, а во наредните четири години се очекува овој број да достигне три милиони. Ваквиот прогнозиран интензивен пораст на физичкиот обем на сообраќајот не’ обврзува да градиме и создаваме услови за развој на ефикасен и безбеден национален воздухопловен систем, целосно интегриран во европската воздухопловна транспортна мрежа, вели во интервју за МИА Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Според него, Македонија нема економски одржливи перформанси и финансиски потенцијали да размислува за формирање на т.н. национален авиопревозник, односно дека не постои економска оправданост за развој на, како што вели, еден таков застарен концепт. Сепак, посочува, доколку се појави сериозен инвеститор во областа на воздушниот транспорт кој би сакал да влезе на меѓународниот пазар со современи воздухоплови во македонскиот регистар, и доколку државата препознае економски интерес за заедничко вложување или друг вид на јавно-приватно партнерство во авиобизнисот, тогаш АЦВ ќе биде целосно подготвена во рамки на нејзината надлежност да ги реализира сите неопходни активности тоа да го овозможи.

Како што истакнува Тунтев, либерализацијата на воздушниот простор и креирањето квалитетни законски рамки во билатералната соработка со голем број држави од Европа и од светот, ја отвораат можноста за постојан влез на нови воздушни превозници на македонскиот пазар.

Во интервјуто Тунтев ги претставува и тековите измени на Законот за воздухопловство, со кои се предвидува усогласување на македонскиот правен систем со меѓународните воздухопловни стандарди и препорачани практики,  како и нов извор на финансирање на Агенцијата, од надоместок од патник во заминување од аеродромите во Македонија.  – Согласно спроведените истражувања, овој извор на финансирање е утврден како стабилен и независен извор, и истиот е имплементиран во повеќе држави во регионот и пошироко. На тој начин ќе биде овозможено намалување на процентуалното учество во приходите на АЦВ од меѓународните прелети од сегашните 93 проценти на околу 62 проценти – 65 проценти, односно во рамки на ЕУ регулативата и правилата на EUROCONTROL, каде што се движат соодветните просечни вредности на најголемиот број цивилни воздухопловни власти во европските држави. Една третина од овие средства ќе биде вратен и инвестиран во авиоиндустријата, во развојот на воздухопловната навигација, односно за техничко и технолошко унапредување на системите за навигација, контрола и управување на воздушниот сообраќај. Останатиот дел во целост ќе биде искористен наменски, за севкупен развој на воздухопловството во државата.

Од стапувањето  во сила на регулативата за  правилна употреба на беспилотни летала во јануари лани досега во АЦВ се регистрирани 87 домашни беспилотни летала (дронови).  Операторите на тие воздухоплови се должни во АЦВ да ја најават секоја операција со дроновите, која потоа автоматски се појавува на динамичката мапа што е поставена на интернет страницата на Агенцијата.  На тој начин, во реално време секој може да добие информација за операциите на дроновите што се одвиваат во моментот, како и операциите што се најавени или се веќе реализирани. Во втората половина на минатата година на територијата на Македонија биле извршени повеќе од 700 операции на дронови,а повеќе од половината се реализирале во деновите од викендот. Од аспект на заштитата на приватноста, досега не се добиени поплаки од граѓани или правни лица за какво било нарушување на нивната приватност или безбедност.

Во врска со спроведувањето обуки за стекнување со лиценци за оперирање со беспилотни летала, и покрај неколкуте најави, како што вели Тунтев, АЦВ се уште нема добиено официјално барање за сертифицирање на овластена организација, здружение или центар за обука на оператори со воздухоплови без екипаж, што е основа за стекнување на лиценца, во согласност со Уредбата.

– Со оглед на тоа што се ближи крајниот рок по кој поседувањето на соодветна дозвола ќе биде задолжително, АЦВ ќе вложи максимални напори уште еднаш да ги искомуницира и да ги мотивира операторите на воздухоплови без екипаж да се организираат и да настапат здружено, во рамки на некаква соодветна формална структура, за да бидеме во можност да издадеме соодветен сертификат за изведување на стручна обука и лиценцирање на оператори. Доколку во меѓувреме се формира некаков центар, здружение или организација за обука, со веќе лиценцирани инструктори во странство, тогаш АЦВ веднаш ќе пристапи кон реализација за издавање на потребниот сертификат, најавува директорот на АЦВ.

Целосното интервју со Томислав Тунтев МИА ќе го објави утре.

Треба да знаете
Последни објави