Политичката состојба во земјата и дебати за претседателските и евентуалните предвремени парламентарните избори. Ова беа темите на вечерашната седница на Централното претседателство на Алијансата за Албанците што се одржа во партиското седиште во Тетово, информираше претседателот на оваа партија Зијадин Села.
За претседателските избори Алијансата ќе истакне свој кандидат, а останува и отворена за соработка и можеби заеднички кандидат со другите опозициски партии од албанскиот политички блок, најави Села.
-Цениме дека е многу важно албанските гласови да се дадат за кандидат за претседател Албанец и од друга страна мислиме дека ќе го искористиме овој процес за нешто да промениме во начинот како се избира претседателот на државата и тој во иднина да ги претставува сите граѓани, а не посебни етнички заедници изјави Села.
Тој отфрли можност за било каква соработка со ДУИ.
-Алијансата за Албанците нема да дозволи ДУИ да се однесува како досега да гласаат за други кандидати за функции, а да не подржуваа Албанци како во неколку наврати. И со претседателските избори до пред три дена бараа консензуален кандидат само да биде предлог од СДСМ што и би го прифатиле. Сега за нивни политички поентирања, што најверојатно се работи за да прикријат уште еден криминал или криминалец во нивните редови како што е случајот во ПИОМ и други работи што треба да се разјаснат, бараат спас под покривот на големата куќа на Албанците тука во Македонија. Но, ние нема да го дозволиме тоа бидејќи тие излегоа од нашата куќа и нема да ги прифатиме повеќе, рече Села.
Села уште еднаш го повтори ставот на партијата дека тие се за предвремени парламентарни избори што поскоро.
– Што поскори значи заедно со претседателските избори бидејќи ние и пред и по референдумот, и по уставните промени и со почетокот на дебатата за претседателските избори јасно кажавме дека сакаме предвремени избори бидејќи многу работи се сменија во општеството. Сметаме дека граѓаните имаат право да решат на која политичка партија ќе и ја дадат довербата и ќе го дадат мандатот за четири години да владее. Од друга страна многу работи што ги очекуваат граѓаните „Живот за сите”, „Правна држава”, „Нема правда нема мир” не се случија, посочи Села.