Eкономските политики на Владата предводена од СДСМ даваат резултат, расте бројот на работници во индустријата, невработеноста опаѓа, вели СДСМ преку соопштение.
„По растот на индустриското производство, уште еден економски показател ја потврдува успешноста на економските мерки на Владата предводена од СДСМ. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на работници во индустријата во декември 2018 е зголемен за 2,5 отсто во споредба со декември 2017 година. На годишно ниво бројот на работници во индустријата во 2018 е зголемен за 5,9 отсто во однос на 2017 година“, подвлече СДСМ.
Според владејачката партија, успешните економски политики, реализираните мерки како и зголемената поддршка кон домашните компании придонеле кон намалување на невработеноста на 20,8 отсто.
„Со влезот во НАТО и забрзувањето на интеграцијата во ЕУ овие параматри дополнително ќе се интензивираат, со интенција невработеноста да опадне на историски минимум под 20 отсто. Владата предводена од СДСМ останува посветена на заложбите за обезбедување нови работни места, зголемени инвестиции, повеќе пари и повисок животен стандард за сите граѓани“, додава СДСМ