Сегашната одредба за регулирање на границата меѓу Република Ирска и британската покраина Северна Ирска е „единствено достапно оперативно решение” за истапување на Велика Британија од Унијата, изјави денеска главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние.
– Потребна ни е оваа одредба, бидејќи таа е единствената гаранција дека во овој момент ќе биде избегната цврста граница. Но, ние сме подготвени во текот на преодниот период, доколку го има, да работиме на алтернативни решенија, изјави Барние.
Оваа одредба, уште неречена и ирски бекстоп, има за цел границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска да остане отворена и слободна за движење и по британското истапување од ЕУ, предвидено за 29 март. Со договорот се предвидува преоден период по Брегзит до крајот на 2021 година.
Но, на ваквото решение за ирската граница се противат голем број британски пратеници, пред се од редовите на Конзервативната партија на премиерката Тереза Меј, кои сметаат дека таа би можела Велика Британија „да ја задржи предолго врзана за ЕУ, па дури и бесконечно”.
Британската премиерка Меј деновиве со членови на нејзината партија договара „алтернативно решение” за бекстопот.
Во меѓу време, германската канцеларка Ангела Меркел, која престојува во посета на Јапонија, денеска изјави дека не може повторно да се преговара за веќе утврденото во договорот за Брегзит, но нагласи дека прашањето за „граничниот договор” може да се реши со декларација за идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија.
Меркел додаде дека се уште е можен договор за ирската граница, но дека прво е потребно Лондон да даде предлог за тоа прашање.