(Видео) Заев во Софија: Пријателството никогаш не било поголемо, сакаме трговската размена да достигне 1 милијарда евра

Премиерот Зоран Заев во Софија оствари тет-а-тет средба со неговиот бугарски колега, Бојко Борисов, со кого, како што информираат од владината прес-служба, разговарале за идната соработка меѓу двете земји, за која соговорниците констатирале дека после потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство бележи постојан раст во сите области.

На средбата се разгледувале можности за создавање услови за зголемување на трговската размена со взаемно намалување на царинските стапки.

Заев на средбата оддал благодарност за континуираната поддршка од Република Бугарија за членство на нашата земја во НАТО и за ЕУ, како и за подготвеноста на Бугарија да го сподели искуството по сите прашања поврзани со подготовките во пристапниот период и за ефикасно користење на европските фондови во оваа фаза од преговорите.

Во насока на спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство, премиерот Заев соопштил дека како резултат на работата на двете комисии за заедничко одбележување на историски настани и личности, наскоро во Република Македонија, во близината на Дојран, на местото каде што го загубил животот, ќе биде подигнат споменик на полковник Константин Каварналиев, бележит лик од историјата на Бугарија од периодот на Првата светска војна.

Премиерите разговарале и за подготовките за втората меѓувладина седница која годинава треба да се одржи во Бугарија, а заедничкиот бизнис форум, што се одржа во Скопје го оценија како дополнителен импулс за економската соработка како врвен приоритет на граѓаните и на бизнис заедниците на двете земји.

На средбата било констатирано дека прекуграничната соработка се интензивира и дека ќе бидат вложени сите неопходни напори стабилната трговска размена од речиси 600 милиони евра да достигне вредност од 1 милијарда евра.

Соговорниците истакнале дека континуитетот на изградбата на патната и железничката инфраструктура на Коридорот 8 остануваат капитален интерес за двете земји.

На средбата станало збор и за имплементацијата на Договорот со Грција, откако тој беше ратификуван во Атина, по што следува членките на Алијансата да го потпишат протоколот за членство на нашата земја во НАТО, со што во сила ќе стапи формалното користење на новото уставно име – Република Северна Македонија.

Заев во Софија предводи владина делегација во чиј состав се министерот за култура Асаф Адеми и други членови на Канцеларијата на Претседателот на Владата и на Mинистерството за култура.

Програма за соработка во областа на културата што ја потпишаа министрите за култура Асаф Адеми и Боил Банов, а истата претставува правна рамка за воспоставување на директна соработка меѓу културните институции во двете земји, со цел размена на културни и уметнички вредности, што е во функција на приближување на народите и државите.

Програмата за културна соработка меѓу двете земји се одржа откако двајцата министри за култура положија венци свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Софија, по повод денот на неговото раѓање што беше убава пригода делегациите на двете земји да му оддадат признание на  делото  на човекот кој велеше дека „Светот го гледа како поле за културен натпревар меѓу народите“.

Работната посета на македонската делегација на Република Бугарија, завршува вечерва со културно-уметничка програма со учество на уметници од други држави од регионот во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.

Треба да знаете
Последни објави