Претседателот Ѓорге Иванов го одликуваше со Медал за заслуги за Македонија главниот извршен директор и претседател на бордот на директори на „ТАВ аеродроми“, Мустафа Сани Шенер.
Како што појаснуваат од Кабинетот на Иванов, медалот за заслуги се доделува на Шенер за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување со што даде значаен придонес за развојот на македонската економија, како и за афирмација на Република Македонија во светот и унапредување на пријателските односи и соработката со Република Турција.
Иванов на церемонијата на доделување на медалот рече дека благодарение на компанијата „ТАВ“ и Шенер, кој во екот на светската економска криза имаше храброст да инвестира во Република Македонија, скопскиот аеродром прерасна во регионален аеродром преку привлекувањето повеќе патници не само од нашата држава туку и од соседните земји.
Шенер се заблагодари за доделеното признание од страна на претседателот Иванов, додавајќи дека овој пример на странска инвестиција ги отвори вратите за можности за други инвеститори во Република Македонија.
„Добрите односи меѓу Турција и Македонија се навистина за восхит. Особено по нашата инвестиција, многу турски компании дојдоа и инвестираа во Македонија. Ова нè прави толку многу среќни. Се чувствувам многу привилегиран и почестен што стојам тука пред вас и ја примам оваа награда”, истакна Шенер.
Компанијата „ТАВ Аеродроми“ почна да управува со аеродромите во Скопје и во Охрид во 2010 година. Бројот на патници од 600 000 годишно во 2010 година, достигна 2.3 милиони патници годишно, додека бројот на директни летови до странски дестинации од 15 се искачи на 38. Скопскиот аеродром 3 години по ред добива награда за најдобар аеродром со најдобри услуги во категорија на аеродроми до 2 милиона патници на годишно ниво и е избран меѓу 10-те најдобри аеродроми во Европа од страна на престижните Скајтракс награди.