Министерот за Европа и за надворешни работи на Франција, Жан-Ив Ле Дриан, изутринава за француското радио Франс Интер, изјави дека го признава Хуан Гуаидо како „времен претседател” на Венецуела и смета дека тој е „овластен” да распише нови претседателски избори во земјата, јави дописникот на МИА.
Во моментот кога ултиматумот на Европа до Венецуела истече, Ле Дриан оцени дека претседателот на Парламентот на Венецуела Хуан Гуаидо има „овластување” да организира нови претседателски избори.
– Тој е вршител на должност претседател, истакна францускиот министер.
– Ние мора да излеземе од оваа криза со целосно легитимни претседателските избори, изјави Жан-Ив Ле Дриан, појаснувајќи дека европските земји ќе се состанат денеска и дека „само слободни избори можат да дозволат да се има авторитет и повторно да се воспостави демократијата”.
Францускиот министер не смета дека тоа е мешање во внатрешните работи на Венецуела, туку „само е обид да се обезбеди оваа криза да се реши мирно”.
Запрашан за бројот на француски џихадисти кои можат да се вратат во Франција, Жан-Ив Ле Дриан одби да даде точна бројка.