Мадуро побара помош од папата

Венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, побара интервенција од папата во политичкиот спор што настана во оваа јужноамериканска земја, се дознава од телевизиско интервју објавено денеска.

„Јас му испратив писмо. Се надевам дека е на пат или дека веќе пристигнало во Рим, во Ватикан. Напишав дека сум во служба на идеите на Христа. Во тој дух побарав папата да ни помогне во процесот на посредување и зајакнување на дијалогот“, изјави Мадуро во интервју за телевизијата Sky tg24.

„Владите на Мексико и Уругвај и сите влади на карипските држави (Кариком), како и владата на Боливија повикаа на конференција за дијалог и мир во Венецуела на 7 февруари. Го молам папата да вложи најголем напор и да ни помогне на патот на дијалогот. Се надеваме на позитивен одговор“, додаде тој.

Папата Франциско, кој е од Аргентина, денеска учествуваше на меѓурелигиска конференција во Обединетите Арапски Емирати како дел од зајакнувањето на врските со муслиманскиот свет.

Во меѓувреме десет земји од ЕУ за привремен претседател на Венецуела го признаа опозицицкиот лидер Хуан Гуаидо барајќи од него да распише претседателски избори во Венецуела.

Треба да знаете
Последни објави