На денешен ден Закерберг го лансира „Фејсбук“ од неговата соба на Харвард

На денешен ден пред 15 години Марк Закерберг го лансира „Фејсбук“ од својата соба на Универзитетот Харвард. Од тогаш до денес „Фејсбук“ направи големи чекори кон остварување на сонот на Закерберг да го поврзе светот, но притоа направи и големи грешки.

Социјалната мрежа основана пред 15 години во студентската соба на Марк оствари незамислив успех и привлече 2,3 милијарди корисници. Но во последно време се појавуваат сè повеќе критики дека социјалната мрежа е повеќе насочена кон раст отколку кон заштита на корисниците.

„Сега ‘Фејсбук’ е многу моќна компанија која создаде многу привлечен производ од кој многумина станаа зависни“, вели аналитичарот Џош Берноф. Поради тоа, додава тој, компанијата има голема одговорност.

„Фејсбук“ лани го следеа низа скандали поврзани со заштитата на податоците и прекршување на приватноста на корисниците.

„По низата предизвици во 2018 година ‘Фејсбук’ повеќе не го фалат поради иновативноста. Сега го критикуваат“, вели аналитичарката Дебра Ахо Вилијамсон.

Закерберг (34) и понатаму тврди дека „Фејсбук“ не ги продавал податоците на своите корисници и дека може да му се верува. Компанијата признава дека мора да направи повеќе за да ја врати довербата, па вложи милијарди долари во безбедноста и има 30 000 луѓе кои работат само на тоа.

„Фејсбук“ лани имаше рекордна добивка од 22 милијарди долари. 46,7 отсто од корисниците на интернет, односно нешто повеќе од 23 отсто од светската популација користи „Фејсбук“, па постои простор за уште поголемо ширење на компанијата.

Само дигиталниот гигант „Гугл“ има поголеми приходи од „Фејсбук“ од огласување на интернет. „Фејсбук“ е сопственик и на апликациите „Месинџер“, „Инстаграм“, „Вотсап“, од кои секоја има по повеќе од милијарда корисници

Треба да знаете
Последни објави