Папа Франциско: Ниту едно насилство не може да биде верски оправдано

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско денеска во Абу Даби оцени дека ниту едно насилство не може да биде оправдно со верски причини.

– Ниту едно насилство не може да биде верски оправдано. Братството меѓу луѓето бара од сите нас, претставниците на религиите, да ја забраниме секоја нијанса на одобрување на зборот војна, изјави папата во обраќање пред учесниците на собирот Меѓународен верски дијалог, што се одржа во Абу Даби.

Папата порача дека војната е синоним за сиромаштија и суровост, додавајќи дека како резултат на воени конфликти четири земји во регионот на Блискиот Исток – Јемен, Сирија, Ирак и Либија, се соочуваат со штетни последици.

Пред стотината претставници на различни верски заеници учесници на собирот, понтифот се заложи за верски слободи и еднакви права на сите жители на Блискиот Исток.

Папата Франциско порача и дека никој не смее да биде принудуван на некоја религиозна пракса, додавајќи дека затоа од сите слободи најмногу ја сака верската слобода.

Учеството на поглаварот на Католичката црква на форумот е во рамки на неговата историска посета на Обединетите Арапски Емирати, што претставува прв престој на еден папа во оваа земја во Персискиот Залив.

Треба да знаете
Последни објави