Москва смета дека обидите на некои држави да ја легитимираат узурпацијата на власта во Венецуела претставува мешање во внатрешните работи на таа држава, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.Тој додаде дека политичката криза во Венецуела може да ја решат само Венецуелците.
„Наметнувањето на какви било решенија или настојување да се легитимизира обидот за узурпација на власта, од наше гледиште, е директно или индиректно мешање во внатрешните работи на Венецуела“, рече Песков.
Неколку европски земји, меѓу кои Шпанија, Франција, Шведска, Велика Британија, Данска и Австрија го признаа опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела и повикаа да се распишат нови претседателски избори. Ваквиот потег следуваше откако истече рокот од осум дена кој европските земји му го дадоа на актуелниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, да распише нови претседателски избори.
Мадуро вчера го отфрли ултиматумот на Европската Унија.
„Не прифаќаме ултиматуми од никого. Тоа е како да ѝ речам на ЕУ: ‘Им давам седум дена да ја признаат Република Каталонија или нема да преземеме акција’”, вели Мадуро.