Уште еден сликовит пример каде што неспособноста и неинвентивноста на двојазичниот градоначалник Аце Коцевски доаѓаат до израз. Се наоѓаме на местото на кое самонаречениот оперативец Коцевски, најверојатно, одамна не дошол бидејќи доколку беше спротивното, овој горлив проблем одамна ќе беше решен. Помина речиси една година откако она што го вети сè уште не го исполни, а тоа е санација на карпите во месноста Цуцка и доведување во ред на заштитната ограда и дел од оштетениот коловоз, обвини Кирил Лазов од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Велес.
„ВМРО ДПМНЕ како одговорна партија и партија што редовно ги препознава проблемите на граѓаните и во оваа пригода од ова место му порачува: г. Коцевски, доста беа ветувања или, како што милувате да кажете, шарени лаги. Ова не е ниту лага ниту несериозност, се работи за опасност за човечките животи, и тоа секојдневна. Имавте доволно време доколку сакавте и имавте намера во соработка со ЈП за државни патишта проблемот навреме да го решите, меѓутоа очигледно многу попривлечно и подобро ви е двапати неделно да држите прес-конференции и да ја замајувате јавноста за вашите наводни успеси.
Не заборавајте дека ова е влез во градот и дека треба да го претставува лицето на градот или ако сакате, дали барем еднаш досега сте помислиле како се чувствуваат оние наши граѓани што секојдневно минуваат на оваа локација стрепејќи за своите животи. Дали не е време наместо да градите хихирику-кружни текови, конечно да го решите и овој проблем, кој по овие обилни снегови и дождови, може да има катастрофални последици.
Засукајте ги ракавите, Коцевски, граѓаните на Велес гласаа за проекти и остварувања, а не за лажни ветувања и алиби-градоначалник како вас.