(Видео) Николовски: Државата не презема долгови на приватни компании, туку директно ќе ги обештети лозарите

Државата не презема долгови на приватни компании, туку директно ги обештетува лозарите, а преку финансиските инструменти на Управата за јавни приходи, парите ќе бидат вратени во буџетот, посочи денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

„Во следните 3 години согласно со Законот за земјоделство и рурален развој сите исплати коишто ќе ги прават компаниите за коишто се презема долгот, истите ќе бидат стопирани преку УЈП и ќе бидат средства на буџетот, односно преку Платежната агенција ќе се вратат во буџетот. Исто тоа ќе следи и во делот на стечајните постапки кои се отворени во други случаи. Не е точно дека со државни пари се покриваат долгови на приватни фирми, ние директно ги помагаме и обештетуваме лозарите. Државата не им плаќа на винариите и не покрива ничии долгови, државата го има побарувањето“, рече Николовски.

Тој додаде дека одлуката на Влада ќе се донесе на седница овој четврток.

На вчерашната собраниска седница беа усвоени измените на Законот за земјоделство и рурален развој, со што се постави и правниот основ за државата да ги обештети лозарите.

За откупеното грозје од реколатата 2017 сите регистрирани откупувачи на грозје во МЗШВ ја имаат комплетно завршено исплатата кон лозарите.

Треба да знаете
Последни објави