Британскиот амбасадор во НАТО има инструкции од владата во Лондон да го потпише протоколот за пристапување на Македонија во Алијансата, по што документот ќе биде даден на увид во парламентот, во рок од 21 ден. Во неколкуте месеци што следат фокусот треба да биде ставен на спроведување на реформите, не само заради барањата од ЕУ, туку и заради очекувањата на луѓето во Македонија. Без разлика дали ќе има избори или не, работата треба да продолжи, а изборите не треба да се користат како изговор да не се напредува во работата.
Ова го изјавува британската амбасадорка во Република Македонија, Рејчел Галовеј, во интервју за ТВ КЛАН М и меѓу другото додава дека нејзината земја е силен поддржувач на членството на Македонија во НАТО. Според неа, потребно е време за луѓето да сфатат кои се ефектите за нив и што значи ова за иднината на Македонија, откако ќе се зачлени во НАТО, како се реформира за да ги постигне европските стандарди, какви придобивки ќе донесе тоа во животот на луѓето, дека зачленувањето во ЕУ не е само формална работа, туку тоа значи реформи за подобрување на животот.
– Во изминатите години многу соработувавме со Македонија во областа на одбраната, вклучително и нашето заедничко учество во Авганистан, до неодамна. Мислам дека тоа е клучната работа кога имате повеќе членки. Армиите стануваат интероперативни, работиме заеднички, а во исто време се соочуваме и со заедничките закани на поефикасен начин. Сето тоа го зајакнува НАТО, вели Галовеј А посочувајќи дека и доколку Велика Британија излезе од ЕУ ќе остане посветена на развој на Западен Балкан.
Во Македонија, подвлекува, ќе ги помага реформите во повеќе области, меѓу кои и на јавната администрација.
– Клучот е во професионализацијата на јавната администрација и тоа на секое ниво. Од тоа како се вработуваат луѓето, како ги задржуваат работните места. Откако ќе се промени политичката гарнитура, по избори, администрацијата да остане. Во британскиот систем нема промени во администрацијата, кога се менува владата. Промените се на врвот, министрите може да донесат еден или двајца специјални советници, но освен тоа нема други промени. Не ги менуваме амбасадорите, или персоналот во амбасадите. Во Македонија почнува една голема реформа на јавната администрација, но ќе треба доста време за луѓето да ги видат резултатите, појаснува Амбасадорката Галовеј.
Во однос на честите реакции од Русија во кои се доведува во прашање легитимноста на Преспанскиот договор со Грција, Галовеј истакнува дека Македонија е суверена земја и се изјасни дека ја гледа својата иднина како дел од НАТО и затоа, подвлекува во интервјуто, ние даваме силна поддршка и ќе продолжиме со тоа и во други мултилатерални форуми.
– Единствената улога на ОН околу Преспанскиот договор е да го прими до знаење. Очекуваме да биде приложен во ОН, но не за дискусија или одобрување. Како постојана членка на Советот за безбедност ние ќе бидеме јасни по ова прашање, изјави во интервјуто Галовеј.
Амбасадорката Галовеј посочува дека смелоста на лидерите за постигнување на Преспанскиот договор треба да послужи како пример за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина :
Во интервјуто за ТВ КЛАН Македонија, амбасадорката Галовеј изразува надеж дека може да се реши покренатото барање за признавање на македонските возачки дозволи во Велика Британија, но не навестува промени во визниот режим меѓу двете земји