Кривичниот суд ќе побара Собранието да направи автентично толкување на членот 22 од Законот за СЈО, pо спорното начелно правно мислење на Врховниот суд дека СЈО не е надлежно за истрагите и предистрагите кои ги води во моментот. Ова било договорено на вчерашниот состанок на судиите од Кривичниот суд. Исто така ќе се побара и од републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да се изјасни за тоа кое обвинителство треба да ги води оспорените предмети.
Од Кривичниот суд велат дека од Собранието ќе се бара да даде автентично толкување бидејќи само законодавецот може да даде такво толкување на законските одредби, а не како што тоа го направи Врховниот суд.
Во меѓувреме, предметите кои се преземени по истекот на рокот ќе продолжат во Кривичен ако се итни и не трпат одложување, а за тоа проценка ќе направат судечките совети.
Минатата недела врховните судии донесоа начелно правно мислење во кое наведуваат дека СЈО не може да покрене обвинение или да запре истрага по истекот на рокот од 18 месеци откако ги презело „бомбите“, рок кој истече на 1 јули 2017 година.
„СЈО може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за СЈО, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка“, е мислењето на Врховните судии.
Вака Врховниот суд ги става под знак прашалник истрагите кои СЈО ги покрена по рокот од 18 месеци. Покрај истрагите, тука е и обвинението за предметот Талир кој се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ за кој судењето треба да стартува на 18 февруари.
Истрагите ги има десетина: „Империја“ во која меѓу осомничените се Орце Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделевски и други; „Попис“ и „Лидери“ против Никола Груевски и Али Ахмети; „Пациент“ каде меѓу осомничените е Бујар Османи како поранешен министер за здравство; „Моќник“ против Антонио Милошоски; „Хармонија“ во која опфатени се Никола Груевски, Миле Јанакиески и Стевчо Јакимовски; „Друмарина“ против Силвана Бонева; „Рентген“ каде осомничен е Никола Тодоров и други.