Секоја година во Германија заминуваат на работа 30.000 Срби, кои месечно заработуваат меѓу 1.500 и 4.000 евра, најчесто изнајмуваат стан, донекаде го знаат германскиот јазик и немаат намера да се вратат во Србија, анализира Блиц.
Според Министерството за внатрешни работи на Германија, во 2015 година во оваа држава дошле 24.616 Срби, а една година подоцна 33.000. Овој број е значително повисок ако се знае дека голем број граѓани во Србија имаат и хрватски пасош и за Германија патуваат од Хрватска, од каде годишно 50.000 луѓе одат во Германија. Се проценува дека повеќе од 200.000 граѓани на Србија заминале во Германија од 2000 година.
Србите се сметаат за добро интегрирани граѓани на Германија. Нивните деца редовно одат на училиште, не живеат од социјална помош, а секое дете добива детски додаток од 300 евра месечно…
По правило, колку подобри квалификации имаат подобро зборуваат германски, толку е полесно да најдат работа и да останат на долг рок. Сепак, повеќето српски работници во Германија работат помалку платени работи, за кои се бара само средно образование и површно познавање на јазикот. Па така секој трети Србин е вработен во производството, земјоделството и градежништвото, секој четврти во хотелската индустрија, секој петти во металната индустрија. Нивните плати се од 1.400 евра, колку што е минималецот во Германија, до околу 4.000 евра, колку заработуваат професионалните возачи.
Работат и студенти. Томислав Ѓуриќ (26) живее во Триздорф кај Нирнберг, студира бизнис менаџмент и работи во фабрика на пакување на козметички амбалажи. Бидејќи е студент, тој може да работи најмногу 120 дена во годината, а заработува 9,5 евра на час што е минумум во Германија.
Највисоко платени се возачите, како професионалните кои возат камиони така и оние во урбаниот транспорт кои заработуваат и до 3.700 евра месечно за четири дена во неделата. Условот е да имаат диплома која се добива по шест месеци од школувањето. Медицинските сестри работат за плата од околу 2.300 евра. Малку помалку се платени работните места во земјоделството, градежништвото, угостителството.