Белгиската фудбалска ѕвезда, Еден Азар, веќе подолго време е неодлучен околу тоа дали сака да остане во Челзи или да замине во клуб надвор од Премиер лигата. Од неговата последна изјава, се добива впечаток дека веќе одлучил каде ќе игра во иднина.
Уште од почетокот на минатата сезона се шпекулира дека Азар би можел да направи трансфер во Реал Мадрид, а и самиот играч неколкупати досега изјави дека би му било чест да го носи дресот на „кралскиот клуб“.
Откако минатата година Белгија го освои третото место на Светското првенство, постоеја силни шпекулации дека е вистинско време за Азар да си замине од Челзи. Но, челниците на лондонскиот клуб дадоа до знаење дека тој не е на продажба.
Оттогаш, ситуацијата значително се промени и Азар влезе во последната година ипол од договорот со Челзи, а Белгиецот не покажува намера да ги отвори преговорите за нов договор со „сините“ од Лондон. Доколку Челзи сака да профитира од Азар, веројатно ќе мора да го продаде на лето.
„Донесов одлука и знам што ќе направам. Знам каде ќе играм следната сезона. Не сакам да се каам во иднина“, изјави Азар, останувајќи мистичен околу неговата иднина.
Неодамна тренерот на Челзи, Маурицио Сари, рече дека Азар може да го напушти клубот доколку смета дека тоа е правилниот потег за неговата иднина. Во меѓувреме, Азар постигна два гола во доминантната победа над Хадерсфилд со резултат 5:0.