Владата на Република Македонија по потпишувањето на Протоколот за пристапување кон НАТО упати благодарност до сите граѓани од сите етнички заедници за мудроста и трпеливоста која ја покажале во изминатите 25 години.
– Вашата мудрост и трпеливост да не ги прифатите повиците за конфликт и поделби и да изберете политики кои носат економски просперитет, безбедност и заедништво денеска го донесоа првиот голем резултат, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски пренесувајќи ја пораката од Владата по денешното потпишување на Пристапниот протокол во НАТО.
Од Владата упатија благодарност и до медиумите за нивната суштинска улога во исполнувањето на основните стратегиски цели на државата, како и до сите поранешни политички субјекти на кои членството во Алијансата им бил врвен приоритет.
По денешното потпишување следува ратификација на Пристапниот договор од страна на Грција, а во истиот момент измените на уставните амандмани стапуваат на сила и Владата која од тој момент станува Влада на Република Северна Македонија, ќе ги започне мерките и активностите за целосна имплементација на Договорот од Преспа.
– Взаемно, ние и Грција ќе испратиме писмо до генералниот секретар на Организацијата на Обединетите Нации, како и до сите останатите меѓународни организации кои ќе ги информираме дека спорот за името е надминат и оти новото уставно име на нашата земја е Република Северна Македонија, појасни Бошњаковски.
Одлуката за членство во НАТО, македонското Собрание ја има донесено уште во 1993 година.