Ирански официјални претставници денеска изјавија дека Сирија е водечки надворешно-политички приоритет на Иран и дека американските војници треба да се повлечат од земјата, како што планира претседателот на САД, Доналд Трамп.
– Американците мора да ја напуштат Сирија, без разлика дали тие тоа го сакаат. Сега 90 отсто од сириската територија е под контрола на Владата (во Дамаск), а останатиот дел наскоро ќе го ослободи сириската војска, изјави Али Акбар Велајати, висок советник на иранскиот врховен верски лидер Али Хамнеи, за време на средбата со сирискиот министер за надворешни работи Валид ал Муалем во Техеран.
Муале, претходно беше примен од иранскиот претседател Хасан Рохани, кој му порача на дека мирот во Сирија е приоритет на Иран.
Муалем допатува во Техеран на разговори во пресрет на состанокот на лидерите на Русија, Турција и Иран, посветен на Сирија, во рускиот град Сочи на 14 февруари.
Во меѓу време, заменик-командант на иранските Вооружени сили, адмирал Махмуд Мусави изјави дека Иран планира да го зголеми дострелот на своите проектили од типот земја-море на повеќе од 300 километри.
Иран ја прошири својата ракетна програма, особено балистичките проектили, и покрај противењето на САД и загриженоста на европските земји.
Техеран тврди дека неговата ракетна програма е наменета исклучиво за одбранбени цели.
Европската унија во понеделникот соопшти дека е „длабоко загрижена” поради иранските тестовите на балистички проектили и побара од Техеран да прекине со активности кои ја продлабочуваат недовербата и го дестабилизираат регионот.