Ви благодарам многу. Драг генерален секретар, драг Јенс, амбасадори, колеги, пријатели, штотуку слетав утрово од Вашингтон, па ве молам имајте разбирање за мене, уморен сум и многу емотивен. Ова беше долго патување. Ја споменавте Европа цела и слободна и ова беше ветување што го дадовме со уште девет земји во 2000 година, кога ја потпишавме Изјавата од Вилнус.
Македонија, наскоро Северна Македонија, што е прашање на денови, откако ќе стапат во сила уставните измени во согласност со Преспанскиот договор, е последната држава од десетката од Вилнус што сеуште не е дел од Евроатлантското семејство. Со ова исполнуваме едно ветување, обврска преземена од нашите татковци, на основачите, пратениците од првиот состав на Собранието од 1991-1994, на 23 декември 1993 година, дека нашата главна стратешка цел е да станеме дел од НАТО. Според тоа, ова е резултат на работата на многу генерации и ова беше должност на нашата генерација. Не беше целосно предвидливо, не беше дури ни веројатно дека ќе се случи. Ова се случи поради лидерството – што би сакал да го споменам овде, пред Северноатлантскиот совет – на премиерот Зоран Заев и премиерот Алексис Ципрас, кои го поплочија патот кон ова историско помирување, докажувајќи дека невозможното е всушност остварливо и возможно. Исто така, би сакал да го поздравам лидерството на премиерот на Бугарија Бојко Борисов, кој исто така нè охрабруваше да одиме во оваа насока, пред сè со потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија. Во филмот „Лоренс од Арабија“, има една реплика што мислам дека е многу соодветна во овој контекст – „Ништо не е напишано додека не го напишеме“. Можеме да ја промениме судбината, можеме да ги искористиме можностите и мислам дека токму ова го направивме. За нас НАТО е пречекорување на линијата на сигурноста, и за нас НАТО е семејство од нации што опфаќа сигурност, стабилност, вредностите што се запишани во Вашингтонскиот договор, владеење на правото, индивидуални слободи и демократија.
Ова е семејство што се стреми да го направи светот помирен и подобро место за живеење. Со ова патување созреавме и мислам дека со последните настани и тоа што го постигнавме заедно со соседите, докажавме дека можеме да преземеме одговорност, можеме да се соочиме со проблемите и да ги решиме тие проблеми. За неколку дена, конечно ќе го решиме последниот отворен проблем што го имаме со наш сосед. Границите ни се утврдени и мислам дека можеме да играме улога што ќе биде многу смирувачка во регион што сеуште има одредени несигурности.
Патувањето не е завршено, но веќе нема да чекориме сами на тој пат. Покрај себе ќе имаме 29 пријатели и сојузници. Ќе се фокусираме на тоа што се обврзавме да го направиме во планот за продолжување на реформите, како во однос на владеењето на правото и разузнавачкиот сектор, така и во однос на реформите во одбраната за да бидеме сигурни дека нашата војска е во согласност со доктрината на НАТО и стандардите на НАТО. Една држава е силна колку што е силна нејзината војска; една држава е силна колку што се здрави нејзините демократски институции, но и толку колку што има пријатели, а од денес, мојата нација е навистина силна. Среќен сум и многу сум возбуден. Чувствувам историска привилегија да ја претставувам Република Македонија денес и би сакал да им се заблагодарам на сите главни градови и на амбасадорите овде присутни, што навистина ни помогнаа да ја забрзаме постапката, во однос на тоа што им дадоа дозвола на амбасадорите да го потпишат Пристапниот Протокол. Подготвени сме, овде сме и спремни сме да ги преземеме одговорностите од нашето членство. Ќе ги посетам вашите главни градови, некои порано, некои подоцна, за да ја охрабрам постапката на ратификација на Пристапниот протокол, која сметам дека ќе биде ефикасна. Ви благодарам многу.