На Детска клиника синоќа е примено петгодишно девојче од Скопје, кое претходните 3 дена се лекувало од вирусна пневмонија во Институтот за белодробни заболувања Козле. Поради влошување на респираторните симптоми детето е интубирано, но и покрај сите преземени мерки тоа починало синоќа во 23.30 часот, после 13 часа престој на Клиниката.
„Поради влошување на состојбата со појава на невролошки симптоми (пореметена свест, конвулзии) детето е префрлено на Клиника и првично примено на одделот за неврологија. Веднаш е свикан конзилиум, земени се лабораториски иследувања и поради тешката состојба со засегнување на мозокот и црниот дроб, префрлено е на одделот за интензивна нега и терапија. Лабораториски се потврди пандемски грип – H3N1 Influenca A“ велат од Клиниката.
Како што се наведува, дадена е терапија со тамифлу, антибиотска терапија, кислородна поддршка, хепатопротективна терапија, антиконвулзивна терапија, интравенски имуноглобулини, плазма и друга специфична терапија, но безуспешно.
Детето, велат од Клиниката, претходно често се следело и лекувало во Институтот во Козле и на Клиника со дијагноза астма.