Албанија постигна многу резултати и сега е моментот да ги започне преговорите за членство во Европската унија, изјави германскиот министер за Европа Михаeл Рот на средбата во Тирана со спикерот на албанскиот Парламент, Грамоз Ручи.
– Албанија веќе постигна толку многу, посебно во правосудните реформи. Треба да се направи понатамошен напредок во изборните реформи, регионалното помирување и во борбата против корупцијата, но преговорите за пристапување во ЕУ може да започнат наскоро, изјави Рот.
Ручи, од своја страна, посочи дека Албанија прави максимум преговорите за членство да започнат во јуни.
– Решителни сме во агендата за интеграциските реформи. Ние ќе сториме се за да ги започнеме преговорите во јуни, нагласи Ручи.
На средбата присуствуваше и координаторот на пратеничката група на владејачката Социјалстичка партија, Таулант Бала, кој по разговорите на Твитер објави дека Рот останува силен и посветен поддржувач на европскиот пат на Албанија и на Западен Балкан.