Ова дека е историски ден, тоа навистина е горд момент за идната Република Северна Македонија, како и за сите НАТО сојузници и сите кои придонесоа кон процесот, а особено за премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои покажаа силно лидерство, но и храброст за сето ова да се оствари, вели генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за МИА, дадено денеска во Брисел, веднаш по церемонијата на потпишување на Протоколот на приклучување на Македонија во НАТО.
Тој воедно наведува дека пред земјата сега се отвораат нови перспективи, дека таа станува рамноправна со сите други 29 земји сојузници, а до конечното финализирање на приемот, нашите министри ќе учествуваат во работата на телата на Алијанската, но без правото да гласаат.
Г. Столтенберг, Ви благодарам што ја прифативте поканата за ова интервју. Вие бевте во Букурешт кога земјата се надеваше дека ќе ја добие поканата. Вие сте на позицијата генерален секретар на НАТО кога земјата конечно го почнува процесот на пристапување во НАТО. Како се чувствувате?
Ова дека е историски ден, тоа навистина е горд момент за идната Република Северна Македонија, како и за сите НАТО сојузници и сите кои придонесоа кон процесот, а особено за премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои покажаа силно лидерство, но и храброст за сето ова да се оствари.
Исто така, лично сум поврзан, бидејќи бев во Букурешт во 2008 година кога сите верувавме дека ФИРОМ ќе стане членка, но поради проблемот со името тоа не се оствари. Потоа, го поминав детството во поранешна Југославија и се сеќавам дека го посетивме Скопје после земјотресот, така што имам личен однос кон земјата и кон регионот.
Одлично е чувството дека сум генерален секретар на НАТО во периодот кога земјата го потпиша протоколот за пристапување и да и посакам добредојде на идната Република Северна Македонија
Кога ќе почнете да ја нарекувате Северна Македонија?
Штом сите потребни процедуре се завршат, очекуваме тоа да се случи во следниве денови и недели. Штом тие се завршат, ќе почнеме да ја нарекуваме Република Северна Македонија. И искрено се радувам на тоа, бидејќи името е важно, но и исто така го потврдува фактот дека едно прашање, несогласување меѓу две соседни земји, Грција и идната Република Северна Македонија, го решија прашањето . Тоа е несомнено многу важно за односите меѓу двете земји, за стабилноста, како и за перспективата на земјата да се интегрира во НАТО, а подоцна и во ЕУ. Но, исто така, тоа одразува нешто повеќе од само името, ја одразува и волјата да се работи заедно, важно е за мирот и за стабилностка како и за економијата.
Во Црна Гора, последната земја која стана членка на НАТО, инвестициите од земји кои се во НАТО двојно се зголемија. Не се работи само за мировен просперитет, туку и за економски развој.
Објаснете наједноставно што можете, кои се чекорите што водат до полноправно членство? Што ќе се случува следно за земјата?
Од денеска, членовите на владата во Скопје, министрите, ќе бидат поканети да учествуваат на состаноците на НАТО. Идната недела, Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска ќе учествува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО, ќе седи на масата со сите други министри, ќе учествува во дебатите. Се радувам дека ќе и посакам добредојде на Радмила на состанокот. Потоа, министерот за надворешни работи ќе учествува на состанокот на министри за надворешни, а амбасадарот ќе учествува на неделните состаноци тука во Брисел. На крајот на годината, премиерот Заев ќе учествува на самитот на лидерите на НАТО во Лондон. Што значи ќе бидете поканети да учествувате во состаноците на НАТО на сите нивоа.
Откако сите претставници денеска го потпишаа Протоколот, со поддршката од сите сојузници, следниот чекор предвидува ратификација на протоколот во сите 29 членки. По ратификацијата, идната Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на Алијансата. Не можам да кажам кога точно тоа ќе се случи, зависи од процесот во сите парламенти на сојузниците, но последнит пат кога Црна Гора стана членка, процесот беше завршен за една година.
Како земја поканета да учествува, таа ќе нема право да гласа, да учествува во процесот на носење одлуки, дали е тоа точно? Што значи да се биде со статус на поканета?
Значи дека ќе учествувате во дискусиите, ќе учествувате во обликувањето на одлуките, дека можете да си го изразите вашето мислење, но не ќе можете да гласате.
Тежнееме кон консензус, НАТО е изграден врз консензус, Има разлика, но всушност ќе бидете интерирани во процесот на донесување одлуки, ќе имате пристап до информациите, ќе бидете на состаноците. Но, нема да бидете полноправна членка се додека протоколот не е ратификуван во сите парламенти.
Ќе имаме пристап кон сите формати на Алијансата?
Во сите формати, на речиси сите состаници. Но, има и исклучоци. На пример, не може да бидете дел од состанокот на Групата за нуклеарно планирање, тоа е еден пример каде што само полноправни членки може да учествуваат. Неколку пати неделно, имаме состаноци на Северноатлантската група со амбасадорите. И вие ќе бидете таму. Има и редовни министерски состаноци, со министрите за одбрана, за надворешни, и вие ќе бидете претставени таму. А на самитите, премиерот ќе учествува таму. Значи ќе учествувате на речиси сите состаноци, со само малку исклучоци.
Ни претстојат уште реформи, реформскиот процес не е готов. Кои се важните прашања за земјата?
Реформите налагаат постојано да се прават напори, како и од земјите членки, така и од тие кои сакаат да станат членки. Потребата за реформи не престанува кога го потпишавме протоколот или кога станавте полноправна членка. Реформите продолжуваат цело време. Ја поздравувам јасната порака од владата дека ќе продолжите да ги модернизирате одбранбените институции, да спроведувате реформа во институциите за разузнавање, и да го завцрстите владеењето со правото. Реформите се постојан процес и мора да продолжи за идната Република Северна Македонија, но и за сите НАТО сојузници.
Дали очекувате проблеми со Русија?
Не, не очекувам вистински проблеми. Тие јасно кажаа дека ним не им се допаѓа ова, меѓутоа Република Северна Македонија е суверена земја и ние мораме да ги почитуваме демократските одлуки на суверените и независни земји. Имало несогласување и во мојата земја, кога Норвешка стана членка на НАТО во 1949 година. Некои партии беа строго против, додека имаше и такви што многу го поддржуваа процесот. Но, имаше демократски процес во парламенот и мнозинството одлучи дека земјата треба да стане членка. Оттогаш, среќни сме со одлуката што ја направивме. Постојат различни ставови, тоа е дел од демократијата. Русија се изјаснила дека не им се допаѓа, тоа е нивен став, но реалноста е дека сите ние, меѓу кои и Русија треба да ги почитуваме суверените народи. НАТО токму тоа го прави.