Спорот околу родната куќа на Адолф Хитлер, која со одлука на австриската влада е национализирана, никако да се заврши.
Судот во Рид оценил дека државата платила премал надомест на сопственичката на ова здание, кое се наоѓа во местото Браунау.
Сопственичката на куќата, врз основа на проценката на судот, сега може да добие многу повеќе пари.
Нејзе за куќата, која ја национализирала откако пропаднале долгогодишните обиди да ја откупи, државата и платила надомест од 310.000 евра.
Сега би можела да добие повеќе од 1,5 милиони евра.
Надлежната финансиска институција сè уште не одлучила дали да поднесе жалба на одлуката на судот, па истата сè уште не е правосилна.
Сопственичката на куќата, за која државата по секоја цена сака да избегне да стане место за собирање на десничарите од целиот свет, поднесе жалба против износот на надоместокот што го добила од државата.
Во жалбата навела дека за целиот имот, особено со оглед на специфичноста дека главната зграда е родно место на Хитлер, треба да добие 1,508 милиони евра.
Уставниот суд претходно утврди дека одлуката за национализација на овој имот е во согласност со законот.
Сопственичката против експропријацијата се пожали и пред Европскиот суд за човекови права.