Откако не се јавиле заинтересирани страни на тендерот за одржување на 400 електронски алки за осудениците на кои им е изречена казна затвор во домашни услови, Управата за извршување санкции ќе распише нов тендер, најави денеска директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.
-Алките се за домашен затвор и ќе се користат исклучиво за бремени жени, стари и болни осудени лица, рече Стојановиќ по одржувањето на тркалезната маса за промоција на пробациската служба во Македонија и придобивките од заживување во пракса на системот за алтернативно санкционирање на сторителите на кривични дела на слобода.
Тој појасни дека Управата за извршување санкции има на располагање 400 електронски алки, што периметарски не се со џи-пи-ес.
Овие алки, како што посочи Стојановиќ, досега не се ставени во функција од причина што нема можност за нивно одржување. Алките се набавени во 2015 година и нивниот гарантниот период за одржување е истечен.
Директорот на Управата за извршување санкции очекува набрзо да се надминеме и тој проблем и додаде дека за тоа имаат поддршка од Владата.
Македонските судови досега немаат изречено казна за домашен затвор, од причина што се уште во функција не се ставени електронските алки. Но, откако ќе се надминат проблемите со тендерската постапка за нивното одржување може да се очекува и судиите да почнат со изрекување и на вакви казни затвор за осудените лица.