Во време кога комуникацијата сѐ повеќе гравитира кон социјалните платформи и апликациите за разменување на пораки, потполно е очекувано дека различните компании ќе се тркаат која ќе објави покорисна опција како и која ќе овозможи подобра и побезбедна комуникација.
Во таа трка е и Facebook Messenger кој веќе некое време ја тестира опцијата за бришење на испратените пораки, за таа конечно да е спремна да стигне до сите корисници кои често прават правописни и други грешки во рамки на пишаната комуникација. Така, тие кои се брзоплети во пишувањето и често “голтаат букви” или ги испраќаат пораките до погрешните контакти, сега можат истите да ги отстранат од Messenger во рок од 10 минути.
Опцијата се активира со долго држење на пораката по кое се добиваат две опции: Remove for Everyone и Remove for You. Ако се избере првата опција, наместо отстранетата порака останува известување дека таа е избришана.
Новата опција им пружа можност на корисниците да ги избришат пораките која досега ја имаше само Марк Закерберг, за што се зборува од април 2018 година. Кога обичните корисници дознаа дека Закерберг, а веројатно и другите директори ја поседуваат ваквата опција, компанијата беше обвинета за “елитизам и издвојување на поважните корисници”, а Фејсбук уште тогаш најави дека опцијата ќе стане достапна за сите корисници за само неколку месеци.