Започнува изградбата на пругата од Косово Поле до границата со Македонија

Во Приштина денеска се одржа церемонија на потпишување на Комерцијалниот договор меѓу јавното претпријатие на косовските железници „Инфракос” и италијанската фирма ГЦФ (Generale Construzioni Ferrovarie) за рехабилитација на железничката линија од Косово Поле до Генерал Јанковиќ, односно до границата со Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој присуствуваше на церемонијата, изрази големо задоволство што овој проект се изведува со заедничка инвестиција на Косово и Европската унија.

– Денеска е празник за Косово, бидејќи од денеска започнува работата на рехабилитација на еден значаен сегмент, како што е овој Косово Поле – Генерал Јанковиќ. Изградбата ќе трае 24 месеци, што значи дека на почетокот на 2021 година ќе имаме добри железници. Добра страна на денешниот ден е дека ова е заедничка инвестиција на Косово и ЕУ, рече Харадинај.

Тој најави дека до пролетта 2021 година ќе се завршат работите и на изградбата на железничките линии до Мердаре, на границата со Албанија и до Лешак, на границата со Србија.

Министерот за инфраструктура Паљ Лекај изрази уверување дека новата пруга ќе ги исполни сите критериуми на ЕУ.

– Денеска започнува една нова фаза во развојот на косовските железници. Возовите на оваа линија ќе можат да се движат со 150 километри на час. Од денеска се инвестираат 210 милиони евра обезбедени од Владата преку Европската банка за обнова и развој, изјави Лекај.

Претставникот на ЕУ во Приштина, Луиџи Буна изјави дека оваа пруга ќе има позитивно влијание врз косовската економија.

– Во првата фаза нашата инвестиција е 40 милиони евра, вклучително фазата на проектирање. Ние ги обединуваме луѓето и ова ќе има многу позитивно влијание за Косово. Ќе се отворат 120 нови работни места. Ова е голема работа и јас сум среќен заради почетокот на изградбата, изјави Буна.

Треба да знаете
Последни објави