Во издание на „Св. Ѓорѓи Полошки” од Повардарската епархија објавена е книгата „Улогата на архиепископот охридски и македонски г.г. Доситеј во возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква” од проф. д-р Александар Атанасов, која е и негова докторска дисертација.
Според Александар Трајановски, еден од рецензентите на книгата, главна цел на авторот Атанасов била да ги осветли благороднот лик и животот, а пред сè богатата и значајната дејност на Димитар Стојковски, замонашен како Доситеј, кој кога се решавало македонското црковно-национално прашање веќе имал чин епископ Топлички и викар на српскиот патријарх Викентиј (Проданов).
По укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, речиси по два века, македонскиот народ и интелигенцијата настојувале, се бореле и правеле постојани обиди и напори за возобновување на неканонски укинатата Светиклиментова Охридска архиепископија како Македонска православна црква.
Трајановски истакнува дека на челниот браник на таа решителна борба и интимна желба на македонскиот народ сосема нормално била избрана личност која била најблиску до целта и која можела најбезбедно да го понесе товарот и успешно да ја реализира неизмерната желба на македонскиот народ – покрај самостојна држава, да има и автокефална православна помесна црква.
-Во моментот тоа бил викарниот епископ на Српската православна црква (СПЦ) Доситеј Топлички, кој бил од македонско потекло. Историските собитија биле предодредени во тие повоени времиња Димитар Стојковски, замонашен како Доситеј, да застане на чело на Вториот црковно-народен собор во Охрид (4-6 октомври 1958 година) и да биде возобновителот на некогашната Светиклиментова Охридска патријаршија-архиепископија, сега во новите времиња и услови именувана како Македонска православна црква, а тој тогаш да ја добие поглаварската титула архиепископ охридски и скопски и митрополит македонски. Потоа биле избрани и Митрополитски управен одбор, Митрополитски црковно-судски совет и Митрополитски црковно-просветен совет, појаснува рецензентот Трајановски.
Вториот рецензент на книгата, Маја Ангеловска-Панова, во однос на афирмацијата на МПЦ меѓу другите православни сестрински цркви, посочува дека патријархот Герман се покажал како жесток противник на МПЦ, кој категорично се спротивставил на барањето за формирање епархија на МПЦ во дијаспората.
-Уште посилен бил отпорот на барањето за претставување на МПЦ пред останатите православни цркви. Ваквиот однос помеѓу МПЦ и СПЦ резултирал со сериозен конфликт, така што на епископите на МПЦ не им преостанало ништо друго освен да го свикаат Третиот црковно-народен собор во јули 1967 година и да ја прогласат автокефалноста на Македонската православна црква, наведува Ангеловска-Панова.
Публикацијата е поделена во четири глави и содржи факсимили на автентични архивски материјали, користени извори и илустрации. Од издавачката дејност „Св Ѓорѓи Полошки” соопштија дека книгата за владиката Доситеј може да се набави во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од нејзиното издаваштво.