Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со Министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска оствари средба со висока делегација на Одборот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) којашто е во официјална посета на нашата земја. Делегацијата на Одборот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја предводеа директорот на ЕБОР за Холандија, Кина, Монголија, Арменија и Република Македонија, Франс Викер и директорката на ЕБОР за Полска, Бугарија и Албанија, Виолета Барвицка Лофтхаус.
На самиот почеток на средбата директорите на Европската банка за обнова и развој ги пренесоа честитките од менаџментот до Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и до граѓаните за постигнатиот историски успех за пристапувањето на нашата земја во НАТО со потпишувањето на пристапниот протокол за членство од страна на земјите членки на НАТО во седиштето на алијансата во Брисел. Во таа насока беше истакнато дека со зачленувањето на нашата земја во НАТО, најмоќниот воен сојуз се гарантираат безбедноста и стабилноста, се зајакнува довербата на инвеститорите и се отвораат економските перспективи за развој.
„Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е голем пријател на нашата земја и тоа пријателство е потврдено уште од периодот на нашето осамостојување. Денешната средба со делегација на Одборот на директори на ЕБОР на овој историски ден за нас е уште една голема потврда дека во иднина соработката ќе се продлабочува и ЕБОР со својата експертиза, искуство и финансиска поддршка ќе ни помага во реализација на проекти кои ќе придонесат за позитивните економски достигнувања и резултати коишто ги очекуваме оваа година“ порача премиерот Заев.
Оваа посета на Република Македонија на делегацијата на Одборот на директори на ЕБОР е во рамки на периодичните посети на банката на земјите со кои соработува со цел одблиску да се согледаат предизвиците, напредокот на реализација на реформите и да се утврдат приоритетите на понатамошната соработка. На средбата се зборуваше и за новата Стратегија на банката за нашата земја 2019 – 2023 која се очекува да биде усвоена во следниот период и во таа насока беше посочено дека приоритетите на банката се совпаѓаат во голема мера со владините политики и приоритети за 2019.
Премиерот Заев ја нагласи големата поддршка и помош што во континуитет ЕБОР и ја пружа на нашата земја во изградба, реконструкција и рехабилитација на патната железничката и енергетската инфраструктура и зајакнувањето на капацитетите и додаде дека во иднина соработката ќе се прошири и на поддршка на приватниот сектор во насока на зголемување на конкурентноста и потенцијалите за освојување на домашните и меѓународните пазари.
„Приватниот сектор треба да биде двигател на нашата економија, мора да им помогнеме на приватните иницијативи. Во тој правец нашата заедничка соработка и на проекти од јавно приватно партнерство ќе биде многу значајна за радвижување на економската активност“ нагласи премиерот Заев на средбата со висока делегација на Одборот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).