Претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија Андреја Серафимовски очекува годинава да се реализира најавениот градежен бум и да се вратат стапките на раст во градежништвото каков што имаше во 2014 – 2015 година.
-Се надевеме дека оваа година ќе биде една од оние години кога градежништвото беше главен креатор на БДП. Активно учествуваме во сите подготовки на законските прописи и во решавањето на сите проблеми кои не задесија минатите години. Според нашите информации најголемите проблеми се разрешени. Голем број на јавни набавки се распишаа и со нетрпение го чекаме почетокот на март да започне градежната сезона со цел да можеме да ги покажеме своите квалитети и капацитети, изјави Серафимовски пред почетокот на Работилницата за промоција на БИМ алатката за информациско моделирање на градби.
Посочи дека предвремените избори секогаш негативно се одразуваат на сите сектори, па така и на градежниот сектор.
-Се надеваме дека нема да има предвремени избори брзо, се со цел да можеме да фатиме некој чекор зашто знаеме како ја поминавме минатата година, потенцира Серафимовски.