Поддршка на конкурентноста, јакнење на регионалното поврзување и поддршка за „зелената економија“ се трите приоритети кон кои ќе биде насочена новата Стратегија за соработка на земјава со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) 2019-2023 година. Ова беше истакнато на денешната средба помеѓу министерот за финансии Драган Тевдовски и делегацијата на Бордот на директори на ЕБОР, предводена од Франс Викерс, директор на Холандската конституенца во која членува и Македонија.
На средбата беше посочено дека во новата Стратегија ќе бидат застапени проекти кои преку развој на транспортната и енергетската инфраструктура ќе обезбедат подобро регионално поврзување. Исто така, ќе бидат предвидени и проекти со кои ќе се поддржи конкурентноста на приватниот сектор, а со тоа дополнително ќе биде поддржан економскиот раст. Приоритет во четиригодишната стратегија за соработка со ЕБОР ќе биде и „зелената економија“. Тоа подразбира проекти насочени кон зголемување на капацитетите за обновлива енергија, зголемена енергетска ефикасност и ефикасност на ресурсите како и подобрена еколошка инфраструктура на локално и општинско ниво.
Министерот за финансии, кој е и гувернер за Македонија во ЕБОР, на средбата се заблагодари за досегашната успешна соработка, особено во делот на инфраструктурните проекти. Тевдовски изрази надеж за продлабочување на оваа соработка во иднина, во насока на засилување на поддршката на јавните инвестиции, како и продлабочување на соработката со приватниот сектор. Тој исто така ја информираше делегацијата на ЕБОР за реформите кои се спроведени во јавните финансии во поглед на планирањето и буџетирањето, јавните набавки, јавната внатрешна финансиска контрола и управувањето со јавниот долг.
Ваквите посети на директорите на ЕБОР се редовни и се одвиваат на секои две до четири години во секоја земја на работење. Со ваквите посети се овозможува директорите да бидат запознаени со политичките и економските движења во земјата, како и со тековните и идните проекти во рамки на соработката меѓу земјата и ЕБОР.
ЕБОР досега има одобрено 115 проекти во Македонија, со вкупен износ од 1,85 милијарди евра. Од нив 85% се проекти во јавниот сектор, додека останатите се за поддршка на приватниот сектор. Активното портфолио на банката во моментот изнесува 792 милиони евра, од кои 78% се пласирани во инфраструктурниот сектор, 10% во енергетиката, 8% во финансискиот сектор, додека останатиот дел во индустрија, трговија и агробизнис.
Банката учествува во финаnсирањето на крупни проекти во земјава како ремонт и рехабилитација на железничката пруга долж Коридорите VIII и X, Програмата за национални патишта, експрсниот пат Штип-Радовиш, изградба на фотоволтаична централа Осломеј, 400 kВ интерконекција Македонија – Албанија, набавка на еколошки автобуси на Град Скопје и др.