Република Македонија драматично се задолжува. За тоа не предупредуваме само ние, туку и сите домашни и странски експерти, како и странските институции. За тоа предупредува и ММФ дека Македонија е во ризична зона,односно оди кон банкрот, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
За наредната недела се предвидува ново задолжување по основ на аукција на државни хартии од вредност во износ од 26 милиони евра. Границите и сите психолошки бариери се пробиени.
2018 година ја завршивме со нов нето-долг од 415 милиони евра во споредба со 2017 година. Благодарение на оваа неспособна власт, која од економија разбира само задолжување, секој граѓанин сега должи 2.570 евра.
Јавниот долг ги надмина двете психолошки граници од 50% од БДП, и 5,2 милијарди евра, а ако погледнеме од друга страна, ништо не сработи оваа влада. Капиталните инвестиции се на исклучително ниско ниво на реална реализација од само 50-тина проценти од она што го предвиде самата влада, ниту се градат патишта, ниту се градат болници, ниту се градат училишта, ниту се градат градинки, ништо не се гради.
Јавноста секој ден слуша како парите на граѓаните се трошат од овој криминален картел на власт за доделување тендери на партиски функционери од СДСМ и Владата, на вработување на мајки, синови, ќерки и сестри на луѓе од власта.
Граѓаните, за жал, се сè посиромашни откако дојде СДСМ на власт. Над 500 000 граѓани живеат во сиромаштија“ нагласи Арсовски.