Европските и латиноамериканските земји денеска се собираа во уругвајскиот град Монтевидео, за да побараат нови избори во Венецуела во обид да се реши се подлабоката политичка криза во земјата.
Таканаречената контактна група ги опфаќа Германија, Франција, Италија, Британија, Шпанија, Португалија, Шведска, Холандија, Еквадор, Костарика, Уругвај и Боливија.
Првиот состанок на групата ќе се одржи на министерско ниво, објави ЕУ.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро го освои вториот мандат на изборите минатата година, кои се сметаат за недемократски, по што опозицискиот лидер Хуан Гуаидо се прогласи за привремен претседател.
Набрзо го признаа голем број земји, меѓу кои и европски и американски, иако ЕУ се уште нема единствен став за тоа.
Состанокот во Монтевидео е итен поради потребите да се избегне ризикот од внатрешно насилство или големи интервенции, рекол европски извор, кој сакал да остане анонимен.
Средбата се случува во моменти кога Гуаидо се обидува во земјата да донесе хуманитарна помош, што за Мадуро е само маска за американска интервенција во Венецуела.