Вчерашниот ден во Брисел беше тажен и тежок за Македонија, изјави претседателот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев по повод потпишувањето на Пристапниот Протокол за членство на Македонија во НАТО
„Вчера во Брисел беше тежок и тажен ден за Македонија со потпишување на Пристапниот Протокол со геноцидната организација НАТО во обидот за бришење на светото македонско име, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ“, изјави Бачев.
Тој го нарече министерот за надворешни работи, Никола Димитров „бугараш“ и „шпион на ЦИА“ кој во име на оваа генерација потпишал бришење на македонската нација.
Додаде дека очекува победа на Единствена Македонија заедно со народната коалиција Македонија-Блокира на претстојните претседателски избори и на парламентарните избори кога и да се одржат и ќе го искористи своето право да го поништи Договорот за промена на името како спротивен на домашното и меѓународното право.
„Јавноста треба да знае дека на крајот конечната одлука за членство во НАТО треба да ја донесе македонскиот народ и граѓаните или преку Собранието или на референдум по околу една година кога се очекува да заврши ратификацијата на Протоколот од сите 29 членки на НАТО“, вели Бачев.