Во рамки на својата работна посета на Вашингтон САД, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, учествуваше на средбата на европски лидери во рамки на молитвениот појадок, а оствари средби и со неколку конгресмени.
Од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека Николоски се сретнал и со професорот Даниел Сервер, одличен познавач на состојбите на Балканот и во Македонија при што размениле мислења за актуелните случувања.
Николоски се сретнал и со претседателот на Обединетата македонска дијаспора, Мето Колоски, при што нагласил дека силна дијаспора значи силна Македонија и се заблагодарил на сите активности на ОМД. Ги поздравил нивните напори за формирање група на пријатели во Конгресот која одлично функционира, како и новите програми за млади насекаде низ дијаспората.
„На сите средби Николоски зборуваше за состојбите во Македонија, штетните последици од договорот со Грција, економското назадување и растот на корупцијата. Недостигот на реформи и визија каде Македонија треба да се движи. При тоа ја истакна потребата од одржување фер, слободни и компетитивни предвремени парламентарни избори со цел надминување на политичката криза предизвикана од актуелната власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за средбите.