Украинскиот Парламент денеска донесе одлука со која се забранува државјани на Русија да бидат набљудувачи на претсојните претседателски избори во Украина.
Со одлуката што ја усвои Врховната рада се предвидува руски државјани да не можат да бидат членови на меѓународните набљудувачки мисии за изборите закажани за 31 март.
На одлуката на Врховната рада реагираше американскиот специјален пратеник за Украина, Курт Волкер, кој на Твитер објави дека за изборите се потребни странски набљудувачи, дури и ако се руски државјани, со цел да се докаже дека земјата ги почитува демократските стандарди.
Односите меѓу Украина и Русија се влошија по руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година.