Потребни беа три часа за пожарникарите во Сан Франциско да го изгаснат големиот пожар предизвикан од пробиениот гасовод и последователната експлозија на едно градилиште, пренесува РТ.
Најмалку пет згради биле зафатeни од пожар по експлозијата на гасоводот, а инцидентот се случил кога градежни работници кои инсталирале оптички кабел случајно пробиле цевка за гас со ровокопач, изјави шефот на пожарникарската служба на Сан Франциско, Џоан Хејс-Вајт.
Пробиената цевка предизвикала експлозија и пожар што набрзо се проширил и на околните згради. Пожарникарите очајно се обидувале да го држат огнот под контрола, но нивните напори биле попречени од гасот што продолжил да тече низ линијата.
Комуналната компанија PG & E успеала да го исклучи снабдувањето со гас дури два и пол часа по експлозијата, а кусо потоа пожарникарите успеале да го изгаснат пожарот.
Досега не се пријавени смртни случаи или повредени. Пет работници од градилиштето, кои првично биле пријавени за исчезнати, сега се пронајдени. Околу 3.000 луѓе остануваат без електрична енергија и гас, објавија а околу 100 лица биле раселени поради пожарот.