Манчестер Јунајтед може да се бори за титулата во следната сезона, ако на чело на тимот остане Оле Гунар Солскјер, смета Џеси Лингард.
Норвежанецот во моментов е со статусот на привремен менаџер, но под негово раководство „црвените ѓаволи“ запишаа девет победи и едно реми во десет натпревари досега.
„Солскјер и Мајк Фелан го вратија стариот Манчестер Јунајтед. Тие ја знаат многу добро како лигата, така и клубот одвнатре, па успеаја на совршен начин да не натераат да заиграме така, како што правиме во моментов. Солскјер се справи многу добро. Никој не може да го обвинува за ништо. Кога дојде, веќе знаеше што да прави. Веднаш ја доби поддршката на играчите. Ни кажа дека во овој клуб има големи очекувања и тензии, со кои треба да се справиме и да заиграме како вистински Манчестер Јунајтед. Ако продолжиме на ист начин, во наредната година ќе се бориме за титулата“, изјави Лингард.
Манчестер Јунајтед во моментов се наоѓа на петтото место на табелата во Премиер лигата, со 2 бода заостанување зад Челзи, кој се наоѓа на четвртата и последна позиција која води во Лигата на шампионите следната сезона. Веќе следното коло Јунајтед игра против Фулам, еден од тимовите кои водат грчевита борба за опстанок во лигата.