Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, на британската премиерка, Тереза Меј, во тек на робусни и конструктивни разговори, што денеска ги воделе во Брисел ѝ порачал дека Европската Унија нема повторно да преговара со Лондон во врска со договорот за брегзит, објави агенцијата „Ројтерс“.
„Разговорите се одржаа во духот на заедничките напори за постигнување на уредно повлекување на Велика Британија од ЕУ“, изјави портпаролот на Јункер, Маргаритис Шинас, на прес-конференција.
Тој додал дека европскиот блок е подготвен повеќе да работи на декларацијата која треба да ги уреди новите односи меѓи ЕУ и Велика Британија по брегзит.
„Ројтерс“ пренесува оти Јункер рекол дека Меј претставила различни опции за да одговори на загриженоста изразена во британскиот парламент во врска со бекстопот на ирската граница.
Бекстоп е дизајниран да ја задржи отворена границата на островот во случај Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор. Станува збор за еден вид на безбедносната мрежа со која се гарантира дека нема да има тврди граници меѓу двете Ирски, дури и ако Велика Британија ја напушти ЕУ без договор.
Јункер и Меј, исто така, се согласиле нивните тимови да соработуваат за да одредат дали може да се најде патот за понатаму.