Главниот извршен директор на „Амазон“, Џеф Безос, изјави дека тој бил цел на изнуда и уцена од страна на издавачот на таблоидот National Enquirer, кој, како што тврди, му се заканил дека ќе бидат објавени негови приватни фотографии доколку не престане да истражува како таблоидот дошол до неговите приватни дописки со љубовницата.
Безос, кој е сопственик и на „Вашингтон пост“, детално го опиша неговиот меѓусебен однос со компанијата „Американ медиа“ (АМИ), во четвртокот во вонредeн блог на порталот Medium.com, пишува агенцијата АП.
Милијардерот не напиша дека таблоидот барал пари од него, туку дека Enquirer сака тој јавно да објасни дека известувањето на таблоидот не било политички мотивирано.
Обвинувањата на Безос претставуваат уште една пресвртница во конфликтот меѓу најбогатиот човек на светот и еден од најпознатите американски таблоиди, кој го поддржува претседателот Доналд Трамп, додава агенцијата АП.
Застапниците на Безос рекле дека известувањето за неговата афера – вклучувајќи го и објавувањето на компромитирачки текстови – било мотивирано од валкани политички намери.
Портпаролката, како и адвокатот на „Американ медиа“, веднаш не одговориле на барањето на агенцијата АП за коментар.
Компанијата, сепак, во минатото има признаено дека применува т.н. практика на „фати и убиј“ за да му помогне на Трамп да стане претседател. Американскиот претседател, инаку своевремено силно го критикуваше Безос и известувањето на „Вашингтон пост“ за Белата куќа.