„Барселона е подготвува за живот после Меси“, призна клупскиот претседател Жозеп Марија Бартомеу.
Лионел Меси на 24 јуни ќе го прослави 32-от роденден. Со низата трофеи и рекорди, тој во Барселона важи за жива легенда и има стекнато митски статус во клубот. Во Барса дојде во далечната 2000 година, кога уште беше дете.
Со етикета на „вонсериски талент“, беше промовиран во сениорската постава во 2005 година. Останатото, како што се вели, е историја. 665 официјални натпревари, 581 гол и 233 асистенции.
„Знам дека еден ден ќе се повлече“, свесен е за реалноста Бартомеу.
Актуелниот договор на Меси истекува на 30 јуни, 2021 година. За 874 дена, односно две и пол години.
„Мораме да го подготвиме клубот за иднината“, истакна Бартомеу .
„Мојот претседателски мандат истекува во 2021 година. Сакам мојата оставнина да се рефлектира преку екипата подготвена за новата ера. Сакаме да продолжиме со успех. Тоа е наша одговорност“, рече првиот човек на Барса.
По завршувањето на договорот што го потпиша во 2017 година, Меси ќе има 34 години. Аргентинецот веќе неколку пати има изјавено дека сака да ја заврши кариерата во Барселона.