Гласаме против Протоколот за членство бидејќи е последниот чин од национално штетниот договор, рече лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис за време на расправата за ратификација на Протоколот за членство во НАТО, jави дописничката на МИА од Атина.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија повторно се осврна на македонскиот јазик и македонскиот идентитет за кои вели дека владата ги признала за соседите, истакна дека правно се обврзани „да ги нарекуваме соседите Македонци”.
-Јас никогаш нема да кажам добредојде за Македонецот премиер на земјата. Очекувам вие да го кажете тоа, господине Ципрас. И очекувам господинот Апостолакис, да ѝ посака добредојде во Грција на македонската војска кога ќе имаат заеднички вежби со грчката војска. Ова го имате потпишано, рече Мицотакис.
Тој истакна дека договорот ја поништил цврстата националната стратегија, „веќе 140 години Грција никогаш не дозволи некој трет да го монополизира терминот Македонија”. Додаде дека договорот никаде не споменува Македонци или Македонија за грчката Македонија или, пак, Грци Македонци или грчка Македонија, туку „грчката Македонија се одредува како Северен регион на првата страна”.
Мицотакис уште еднаш го повтори неговиот став дека владата „ги поделила Грците за да ги обедини Скопјаните” , но и дека Нова демократија нема да го напушти правото за вето за интеграција во Европската унија.
Лидерот на Нова демократија порача дека единствено решение се изборите, бидејќи „ќе донесат политичко прочистување во Грција”.