Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во Вашингтон, се сретна со заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, во американскиот Стејт Департмент.
„САД се повеќе од стратешки партнер на Македонија, веројатно и најважниот пријател, со чие присуство и активно учество остварени за најважните пресвртни точки од независноста на земјата, чиј успех неповратно е вграден и во изградбата на самата држава“, истакна Османи, посочувајќи притоа и на самото осамостојување на државата, Рамковниот договор, територијалната организација, како и Договорот од Преспа чија имплементација финишираше непосредно пред оваа посета.
Османи посочи и дека потпишување на протоколот за НАТО претставува резултат токму на ова партнерство, за кое истакна дека очекува да продолжи и во иднина.
„Ја очекуваме поддршката на САД и во периодот што претстои кога ќе се финализираат главните настани со кои ќе се зацементира нашата западна ориентација – целосното членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во Европската Унија“ истакна Османи.
Македонија, додаде Османи, веќе нема отворени политички прашања, и повторно го зазема централното место на Балканот, како главен партнер на САД, ЕУ и НАТО во промоција на демократските и западните вредности во регионот.
Претходно Османи учествуваше и на традиционалниот молитвен појадок во организација на американскиот претседател, Доналд Трамп, а во неговата денешна агенда е и посета и на американскиот Конгрес каде Османи ќе се сретне со конгресменот Стив Стилерс и со новиот претседавач со Комитетот за надворешна политика во Конгресот на САД – Елиот Ејџел.